Светската здравствена организација ја смести работата на српските научници во препорачаната литертаура за Ковид-19.

Научниот тим од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград, во рамките на проектот на Специјалната програма за истражување COVID-19 финансиран од Фондот за наука на Република Србија, ја открива врската помеѓу гените и подложноста на Ковид-19.

Проектот AntioxIdentification предводен од проф. д-р Татјана Симиќ, редовен професор на Медицинскиот факултет и дописен член на САНУ, излезе со резултати кои ќе овозможат персонализиран пристап во лекувањето на пациентите во иднина. Како дел од редовниот мониторинг на реализацијата на проектот, српскиот Фонд за наука го посети овој истражувачки тим и лабораториите во кои тие вршат истражувања.

„Кај пациентите, коронавирусот предизвикува оксидативен стрес придружен со зголемено производство на слободни радикали кои ги оштетуваат липидите, протеините и молекулите на ДНК. Сепак, нашите клетки имаат одбранбени механизми во форма на антиоксидантни ензими кои ги неутрализираат слободните радикали. Гените кои ги кодираат овие ензими имаат различни форми, а истражувањето на гените покажа дека пациентите со COVID-19 кои носат генотипови со помала антиоксидантна ензимска активност и следствено помал антиоксидативен капацитет имаат поголема подложност на Ковид-19, како и повисоки нивоа на воспаление и коагулација“, истакна проф. д-р Татјана Симиќ, додавајќи дека дел од нивните резултати биле признати од Светската здравствена организација.

Благодарение на средствата на Фондот за наука, овие научници изолирале ДНК од крвта на над 500 испитаници и формирале ДНК биобанка која им послужила како материјал за генотипирање на пациентите и контролните групи. Извршени биле околу 9.000 генетски анализи за кои клични биле опремата и материјалите набавени во рамките на проектот.

При надзорна посета на д-р Милица Ѓуриќ Јовиќиќ, в.д. директорка на српскиот Фонд за наука, ја истакна важноста на овие научни резултати кои можат да помогнат во подобро разбирање и борба против коронавирусот.

„Проектниот тим на проф. Симиќ е многу корисен, добро организиран и исклучително мотивиран. Иако научниците се соочија со бројни пречки поради пандемијата на коронавирусот, проектот се одвива според планот и научниот тим веќе постигна значителни резултати. Здравствената организација ја вклучи нивната работа во препорачаната литература за Ковид-19“, истакна д-р Ѓуриќ Јовиќиќ, додавајќи дека средствата од проектот вложени во опремата овозможиле да се реализираат потребните истражувања.

„Опремата останува долгорочна инвестиција на институцијата и таа ќе им служи на научниците уште многу години за идни истражувања. За време на мониторинг посетата разговаравме со раководителот и тимот за тоа што би било природно продолжение на проектот и што е уште потребно од дополнителна опрема. Мониторинг посетите ни овозможуваат увид во важните истражувања, а тие се многу важни и поради подготовката на нови програми“, заклучи д-р Милица Ѓуриќ Јовиќиќ.

Во преостанатите пет месеци од проектот, 12-члениот проектен тим AntioxIdentification планира да го заврши клиничкото следење на невролошките и срцевите компликации како показател за долгорочен Ковид-19. Буџетот на проектот е 169.330 евра.

Ова истражување е финансирано од Научниот фонд како дел од проектот SAIGE на Светската банка.

Извор: Telegraf.rs