Поевтината верзија на iPhone, односно моделот XR е лесно да се скрши исто колку и поскапите модели XS и XS Max, покажа тест направен од страна на Square Trade. Оваа фирма се занимава со издавање гаранции, а оттаму неодамна ги тестираа новите паметни телефони на Apple – iPhone XR, XS и XS Max, така што ги пуштаа да паѓаат на тврда подлога од висина од околу 180 сантиметри.
Како и стаклениот паметен телефон со OLED-екран – iPhone XS, така и поевтината верзија XR со LCD-екран, алуминиумска рамка и стаклена позадина, претрпе сериозни оштетувања на екранот кога падна на бетонот.
Поточно, телефонот се разби по првиот пад и стана практично неупотреблив, исто како и iPhone XS. Истото се случи и при тестирањето со пад на задната страна, односно распука стаклото околу камерата.
Моделот XR успеа да го преживее тестот за виткање, надминувајќи го поскапиот XS и изедначувајќи се со поголемиот XS Max, пишува MacRumors.