Целта на Форумот што ќе се одржи на 31. октомври е подигнување на свеста и промовирање подобро разбирање на „управувањето со интернетот“

Во амфитеатарот на Факултетот за електротехнички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во среда, 31. октомври со почеток во 11. часот ќе се одржи Вториот годишен Форум за управување со интернет – ИГФ МКД,  кој има цел да ја подигне свеста и да промовира подобро разбирање на управувањето со интернетот.

ИГФ МКД – „Форум за управување со интернетот Македонија“ е отворен, инклузивен и неформален простор за дијалог за прашањата на управувањето со интернетот „Internet Governance“, помеѓу сите засегнати чинители во македонското општество, владата, пратениците, приватниот сектор, граѓанското општество, техничката заедница, образованието, медиумите, крајните корисници итн.

Целта на форумот е подигнување на свеста и промовирање подобро разбирање на „управувањето со интернетот“, изградба или зајакнување на капацитетот на овие чинители активно да учествуваат во националните процеси за интернет-управување, олеснување на дискусијата, размената на мислења и соработката за прашањата поврзани со интернетот, што се од особен интерес на национално ниво.

Форумот исто така овозможува сите заинтересирани чинители да учествуваат како еднакви, односно рамноправни и да се придонесе во создавањето и одржувањето на блиски врски со регионалните SEEDIG (http://www.seedig.net/) и пан-европски EuroDIG (https://www.eurodig.org/) процеси и процесите на глобалната интернет-заедница за прашањата на управување со интернетот – Internet Governance Forum при UN (http://www.intgovforum.org/multilingual/).

 

Националната иницијатива ИГФ MKД треба да придонесе за подигнување на јавната свест и за промоција на т.н. „multistakeholder“ пристапот на сите или на повеќето засегнати чинители, како нова форма на партиципативната демократија, односно поттикнување дијалог помеѓу сите засегнати чинители. Институционални партнери во Македонија се Министерството за надворешни работи (МНР) и Министерствотио за информатичко општество и администрација (MИОА), а домаќин на првиот форум во 2017. година беше токму МНР.

Дополнителни информации во врска со овој настан односно целата програма може да се погледне на овој ЛИНК.

Регистрацијата ќе биде отворена од 10.00 часот.  Ќе може да се следи и онлајн на live-streaming на web страницата: http://igfmkd.mk/mk/  Влезот е слободен.