Компанијата Мета е казнета со 390 милиони евра поради кршење на правилата на ЕУ за лични податоци.

Ова го соопшти ирската Комисија за заштита на податоци (DPC), наведувајќи дека Мета незаконски барал дозвола да користи лични податоци за рекламирање на Фејсбук и Инстаграм.

Со оглед на тоа што Фејсбук и Инстаграм имаат европски седишта во Ирска, DPC има водечка улога во усогласувањето со законите на ЕУ за заштита на податоците.

Компанијата Мета, која ги поседува платформите Фејсбук и Инстаграм, има рок од три месеци да го промени начинот на кој ги прима и користи податоците за таргетирани реклами, јавува Би-Би-Си.

Од централата на компанијата стигна реакција во која се вели дека во Мета се „разочарани“ и имаат намера да поднесат жалба, нагласувајќи дека одлуката на DPC не го спречува персонализираното рекламирање на платформите.

Европскиот регулатор објави дека Фејсбук и Инстаграм не можат да ги принудат своите корисници да се согласат под закана за исклучување од платформата.

Организациите за заштита на приватноста ја сметаат оваа одлука за голема победа, бидејќи Мета ќе мора да им обезбеди на корисниците вистински избор за тоа како нивните лични податоци ќе се користат за насочено онлајн рекламирање.