Акциите на компанијата Amazon паднаа десет отсто пред официјалниот почеток на тргувањето на берзата бидејќи продажбите на компанијата потфрлија во однос на очекувањата на „Волстрит“.

Акциите на Amazon паднаа 9,7 отсто, односно на 1.610 долари пред огласувањето на ѕвоната за почеток на тргувањето.

Најновиот пад на акциите, доколку се повтори на официјалното отворање на „Волстрит“, ќе збрише речиси 90 милијарди долари од пазарната вредност на Amazon, проценува „Ројтерс“.

Приходот на меѓународниот бизнис-сектор на Amazon, кој учествува со 27,5 отсто од вкупната продажба, порасна 13,4 отсто во третиот квартал, што сепак е пониско во однос на очекуваниот и на растот од 27 отсто од претходниот квартал.

Компанијата очекува дека продажбата во тековниот празничен квартал до Божик ќе порасне меѓу 10 и 20 отсто, до 72,5 милијарди долари, а аналитичарите очекуваат продажба од 73,9 милијарди долари.