Креаторите на првиот 3D-испечатен челичен мост, наречен едноставно „Мостот“, кој изгледа извонредно благодарение на уникатните методи на конструкција, велат дека е подготвен за инсталација во Амстердам, Холандија.
Тимот на „MX3D“, кој го изгради мостот во контролирана средина, подалеку од пешаци, соопшти дека сега може да започне инсталацијата во познатиот кварт Де Вален. Тие споделија и голем број фотографии од завршениот мост, кој изгледа фантастично.
Поради тоа што методот на изградба е нов и порано не бил користен за толку голем проект, тимот соработувал со службите од Амстердам за да развие нови стандарди на безбедност и се координирал со други партнери за да го опреми мостот со мрежа на сензори. Тимот истакна дека штом ќе се постави, структурата ќе може да собира податоци за сообраќајот на мостот, структурниот интегритет и друго.
– Го тестиравме мостот со 30 луѓе и беше добро. Се однесува како што треба да се однесува еден мост – истакна соосновачот на „MX3D“, Гијс ван дер Велден.
Мостот би можел да биде поставен не порано од средината на идната година.