Ноќеска во 3 часот завршува летното сметање на времето и почнува зимското, при што со поместување на часовникот за еден час наназад времето во 3 часот ќе се смета како 2 часот.

Стрелките вечерва ќе се поместат и во земјите на Европската Унија која што неодамна усвои одлука да се укине промената на времето. Според предлогот, секоја членка на ЕУ до април 2019 година треба да одлучи дали ќе остане во зимско или летно сметање на времето. Последно задолжително поместување на времето на летно сметање ќе биде на 31 март 2019 година, а членките што сакаат да се вратат на зимското сметање на времето би можело тоа да го направат уште еднаш на 27 октомври 2019 година.

Причина за поведување на иницијативата во европските земји за укинување на промената на времето беа негативните последици по човековото здравје, земјоделството и безбедноста во сообраќајот.

Преминот од летно во зимско време првпат е забележан во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведен во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.