Велика Британија го казни Facebook со 500.000 фунти поради неговата улога во скандалот кој избувна  во врска со кражбата на личните податоци во кој беше вплеткана и британската фирма за политички консалтинг Кембриџ Аналитика, јави денеска Би-Би-Си.

Канцеларијата на Комесарот за информации заклучи дека Facebook дозволил сериозно „кршење на законот”.

Казната е максимално дозволената, според старите правила за заштита на податоци, кои биле во сила до стапувањето на новиот закон, ГДПР, во мај.

Канцеларијата на Комесарот за информации посочува дека Facebook им дозволил на програмерите да пристапат до личните информации на корисниците „без нивна јасна согласност”.

„Помеѓу 2007 и 2014 година, Facebook неправилно обработил лични податоци на корисниците, дозволувајќи им на развивачите на апликации да пристапуваат до нивните податоци без нивна јасна и информирана согласност и дозволил пристап дури и ако корисниците не ја преземале апликацијата, туку едноставно биле „пријатели “со луѓе кои тоа го сториле “.

„Facebook, исто така, пропуштил да обезбеди личните податоци да бидат безбедни, бидејќи не спровел соодветна проверка на апликациите и програмерите кои ја користеле неговата платформа”.

Facebook објави дека „ја разгледува” одлуката на Канцеларијата на Комесарот за информации.

„Иако, со должна почит, не се согласуваме со некои од нивните заклучоци, и претходно кажавме дека сме требале повеќе да сториме за да ги испитаме обвиненијата против Кембриџ Аналитика и да преземеме мерки во 2015 година, соопшти компанијата.

Истражувачот Александр Коган и неговата компанија ГСР користеа тестови за личноста за да соберат податоци на Facebook речиси на 87 милиони луѓе. Некои од овие податоци беа споделени со Кембриџ Аналитика, која ги користеше за насочено политичко рекламирање во САД.

– Дури и откако злоупотребите на податоците беа откриени во декември 2015 година, Facebook не направи доволно за да осигура дека оние што уште ги поседуваа да преземат соодветни и навремени мерки, вклучувајќи го и бришењето, вели Канцеларијата на Комесарот за информации.