Научници од Медицинскиот универзитет во Виена докажаа присуство на микропластика во човечкото тело.

Истражувањето е спроведено на пет жени и тројца мажи на возраст меѓу 33 и 65 години, од Финска, Холандија, Велика Британија, Италија, Полска, Русија, Јапонија и Австрија. Седум дена воделе дневник за исхраната, а по завршување на истражувањето преку изметот е откриено присуството на микропластика во организмот.

Сите испитаници јаделе храна спакувана во пластика, риба и морски плодови и пиеле вода од пластични шишиња, и кај сите нив е забележано присуство на пластика. Во просек 20 честички микропластика на 10 грама измет.

Претходно е утврдено дека пластиката од морето и океанот преку морските плодови и рибите доаѓа во храната, но микропластиката доаѓа и преку производство и пакување на прехранбени производи.

„Сега кога ја имаме првата евиденција за микропластика во човечкиот организам во иднина треба да разбереме што значи тоа за здравјето. Во истражувањата за високи концентрации на пластика во животните е откриено дека најмалите честички се способни да влезат во крвотокот и лимфниот систем, па дури да стигнат и до црниот дроб“, вели д-р Филип Шваби, водач на истражувањето од Медицинскиот универзитет во Виена.