Facebook објави дека неговите модератори во рок од три месеци отстраниле 8,7 милиони фотографии на кои биле прикажани голи деца.
Од социјалната мрежа воедно соопштија дека развиле софтвер кој автоматски укажува на потенцијални фотографии од деца во сексуален контекст. Софтверот почнал да функционира минатата година, но од Facebook дури сега одлучија јавно да зборуваат за него.
Тие исто така објавија дека имаат развиено друга програма што ги детектира контактите во однос на сексуалната злоупотреба. Од 8,7 милиони фотографии на Facebook, 99 отсто од нив биле отстранети пред корисниците да ги пријават како несоодветни.
Facebook минатата година беше критикуван од страна на британските власти кои тврдеа дека на социјалната мрежа е распространета сексуалната злоупотреба на деца. По овие тврдења, Би-би-си ги истражи наводите и дојде до докази дека педофилите споделуваат фотографии на деца во тајни Facebook-групи. Од Facebook сега размислуваат за воведување системи за забележување детска голотија на Facebook и Instagram, а посебниот софтвер што блокира фотографии од злоупотреба на деца е веќе во функција.