Во рамките на саемската трилогија, која есенва се одржува на нова локација, комплекс ВИП-арената „Борис Трајковски“, се отвораат и двата најголеми бизнис-саема, 15. издание на Саемот за градежништво заедно со осмиот по ред RealExpo (Саем за недвижности), како и 44. издание на „Технома“, саемот што ги собира движечките компании од областа на металургијата, електрониката, енергетиката, неметалите, градежништвото, обезбедувањето и заштитата, соопштуваат оранизаторите.
„Како што може да се види од програмскиот дел, акцент се става на енергетиката, заштедата на енергија, користењето на материјалите за енергетска ефикасност, заштита на околината, рециклирање. ‘Технома – Градежништво – RealExpo’ се од важен интерес за архитектите, проектантите, дизајнтерите, градежниците, како и широката публика. Најголем фокус годинава ќе се даде на презентацијата ‘Енергетска ефикасност’, организирана од програмскиот партнер на ‘Технома’ и ‘Градежништво’ – Европската банка за обнова и развој преку ГЕФФ-проектот (Green Economy Financing Faculty), каде што на тематско-едукативната дискусија ќе се разговара за оперативните чекори за успешно информирање и користење на условите што ги имаат банките и крајните корисници (граѓаните) за користење на ресурсите за подобрување на енергетската ефикасност во домовите. Спојот на двете саемски манифестации несомнено ќе придонесе да се направи единствен настан од голема важност за изложувачите и за посетителите“, изјави Валентина Димитрова, оперативен директор на проектот на „Скопски саем“.
RealExpo за сите граѓани ќе понуди големи поволности за купување станови, како и поволности за купување имот, додаваат оранизаторите во своето соопштение, во кое се посочува дека како и секоја година, во програмскиот дел е вклучена и „Макинова“, која ќе ги презентира последните достигнувања, пронајдоци, иновации, нови технологии, нови производи, индустриски дизајн, трговски марки, младинско-истражувачко и креативно творештво.
Поврзани артикли