„Онлајн“-трговијата во Македонија е во зачеток, бројот на компании и маркети кои директно ги пласираат своите производи и услуги преку интернет е се уште мал. Во светски рамки, пак, продажбата на далечина е се по застапена и прифатена од крајните потрошувачи, секоја година е се помасовна, а обртот на средства преку „онлајн“-трговијата е се поголем. Овој тренд неминовно ќе ја зафати и нашата држава. Нашите производители и трговци треба да бидат подготвени да одговорат на новите предизвици за да го прошират својот пазар, да стекнат нови деловни партнери и потрошувачи, како во Македонија така и надвор од нашите граници.
Ова го наведува Стопанската комора на Македонија во најавата за денешниот Отворен ден на тема: „Дигитализација на македонското стопанство“ што го организира GS1 Македонија по примерот на GS1 организациите од европските земји.
Врвни предавачи ќе зборуваат за трендовите во електронската трговија, за влијанието на дигитализацијата на деловните практики и потрошувачките навики, за се поголемата важност на GS1-стандардите во повеќе каналната трговија, или Омни-канал трговијата, како и за новите трендови во светот на трговијата.
На Отворениот ден ќе се обратат претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, како и американскиот експерт за дигитализација и директор на Секторот за иновации во GS1, Роберт Бајдеман.