По седми пат во Скопје ќе се соберат најдобрите маркетинг говорници за да ги споделат најновите трендови и предвидувања во дигиталните комуникации. На сцената на AllWeb, конференцијата за дигитални комуникации, покрај веќе најавените ќе застанат и Роџер Едвардс, домаќинот на популарниот подкаст Маркетинг и финансии, Недим Шабич- експерт за оптимизација на Интернет пребарувачи и Горјан Јовановски, од Booking.com.
Централната тема на конференцијата е дигитална трансформација, но организаторите најавуваат презентации и дискусии и за иднината на (социјалните) медиуми и за други актуелни теми од светот на маркетингот и онлајн комуникацијата.
„По успешното трето издание на AllWeb во Тирана, Албанија, среќни сме да најавиме уште тројца говорници на годинешната конференција во Скопје, што ќе се одржи на 16 ноември“- вели Дарко Булдиоски, програмски директор на AllWeb. „Веруваме дека секој од нив, со презентација во своето поле на интерес и експертиза, ќе придонесе програмата да биде уште поквалитетна и поинтересна за посетителите“- додава тој.
Влезниците за конференцијата се веќе во продажба преку allweb.mk. Поради големиот интерес, рокот за купување на Early Bird влезниците, кои се со 50 евра пониска цена од регуларните, е продолжен за дополнителни пет дена и истекува на 19 октомври.
Организаторите досега го потврдија учеството на Мет Десмајер- директор на компанијата за стратешки комуникации Wise Old Uncle, Драган Варагиќ- консултант за дигитална трансформација и автор на книгата Дигитален Пре-маркетинг и Владимир Тошиќ- менаџер за дигитални комуникации во The Coca-Cola Company за југоисточна Европа. Но, нема да застанат тука. Во наредниот период ќе бидат објавени имињата и на останатите говорници.
Сите информации за содржината на конференцијата и говорниците редовно се дополнуваат на allweb.mk.
Поврзани артикли