Илузии поврзани со патувањето низ времето што можат да го измамат мозокот

Светот го доживуваме преку сетилата, односно преку постојаниот порој на глетки, звуци, мириси и многу повеќе. Нашите мозоци ги примаат овие сигнали и ги обработуваат, а потоа тоа доведува до нашите индивидуални перцепции за светот. Но понекогаш нашите сетила си играат трикови со нас, особено во случај на перцептуални илузии, пишува Science Daily.

Истражувачите од Калтех развиле две нови илузии кои откриваат како сетилата можат да влијаат едни на други – особено за тоа како звукот може да доведе до визуелни илузии. Овие илузии се случуваат толку брзо што тие покажуваат феномен наречен “постдикција“ (наспроти предвидување) во кој стимулот што се појавува подоцна може ретроактивно да влијае врз нашите перцепции на претходниот настан.

Работата на Калтех е меѓу првите што покажуваат една ваква илузија на “патување низ времето“ преку повеќе сетила.

“Илузиите отвораат навистина интересен прозорец во мозокот“, изјавил Ноел Стајлс, еден од авторите на студијата. “Со истражувањето на илузиите можеме да го проучуваме процесот на донесување одлуки на мозокот, на пример, како мозокот ја одредува реалноста со информации преку повеќе сетила, што понекогаш знае да биде бучно и конфликтно.“

“Мозокот користи претпоставки за животната средина за да го реши овој проблем. Кога овие претпоставки се погрешни, може да се појават илузии, бидејќи мозокот се обидува да го изнајде најдоброто решение во една збунувачка ситуација. Можеме да ги искористиме овие илузии за да ги откриеме основните заклучоци што ги прави мозокот.“ порачува Стајлс.