Ветерните електрани, кои се создадени како алтернатива на фосилните горива, сепак влијаат на климатските промени поради начинот на кој ги прераспоредуваат топлината и влагата во атмосферата, според истражувањето објавено вчера.
Научниците од Универзитетот Харвард тврдат дека снабдувањето со електрична енергија од ветерните електрани на САД би довело до пораст на температурата од 0,54 Целзиусови степени на локации каде што се наоѓаат овие електрани, и до пораст од 0,24 степени во САД.
„Ветрот е подобар од јагленот според секој еколошки критериум, но тоа не значи дека неговото влијание е занемарливо”, вели Дејвид Кит, автор на студијата.
За споредба, просечната глобална температура се зголеми за околу еден степен од крајот на 19 век.
Парискиот климатски договор ги повикува земјите да го ограничат зголемувањето на температурата на не повеќе од 1,5 до 2 Целзиусови степени за да се избегнат сериозни последици по животната средина.
И порано се правени истражувања за да се испита влијанието на ветерните електрани врз климатските промени. Така една неодамнешна студија, чии резултати се објавени во списанието „Сајнс“, заклучи дека покривањето на фармите со ветерните електрани во Сахара би влијаело на локалната температура, врнежите и вегетацијата.
„Ако планирате ветерни електрани на десет години, енергијата од ветрот во некој поглед влијае на климата посилно од јаглен или гас. Ако планирате ветерни електрани на илјада години, тогаш електрична енергија од ветрот е многу почиста од јаглен или гас.”