Microsoft ги претстави Surface Pro 6 и Surface Laptop 2 (ВИДЕО)

Microsoft ги претстави Surface Pro 6 и Surface лаптоп 2 уредите во кои е вградена осмата генерација на процесорите на Intel. Компјутерите пристигнуваат со повеќе RAM меморија и куќиште со мат црна боја.

Surface Pro 6 поддржува четиријадрени процесори, а компанијата тврди дека за 67 проценти е побрз од претходните модели, како и дека уредот е опремен со подобрено ладење.

Microsoft наведува дека компјутерот е во состојба да работи 13,5 часа со едно полнење на батеријата. Surface Pro 6 има и екран со дијагонала од 12,3 инчи и 16 GB RAM. Почетната цена на уредот е 899 долари, за моделот со Intel COre i5 процесор.

Според тврдењата од Microsoft, Surface лаптоп 2 е 85 проценти побрз и има два пати повеќе RAM во својата основна конфигурација. Освен тоа и новите процесори, нема значајни промени, хардверот е идентичен на претходниот модел.

Уредот има 13,5-инчен екран со резолуција 2.256×1.504 пиксели, а неговата батерија овозможува околу 14,5 часа работа, со константно гледање на видеосодржини.

Лаптопот поседува од 128 GB до 1 TB меморија, има еден USB 3.0 порт и Mini Display порт, а наместо 4 доаѓа со 8 GB RAM.

Од Microsoft наведуваат дека новиот компјутер е наменет за студентите и секојдневните корисници кои сакаат доверлив лаптоп за извршување на работата, а цената на основниот модел изнесува 999 долари.

Двата уреда, од кои ниту еден не поседува USB-C порт, ќе бидат достапни од 16. октомври.

 

Заедно со новите преносни компјутери, Microsoft го претстави и “all-in-one” Surface Studio 2, уред наменет за дизајнерите, со екран со дијагонала од 28 инчи, за кој тврдат дека има 50 отсто подобри графички перформанси.

Тука се и новите Surface безжични слушалки, кои доаѓаат со вградениот виртуелен помошник Cortana.