Umix од Хонг Конг, Studentist од Романија и Mtabe од Танзанија се тројцата победници на првиот „Интерконтинентален камп за развој на мобилни апликации“, кој се одржа во период од 17 до 24 септември во Охрид, Македонија во рамки на проектот „Мобилни млади 2.0“, поддржан од програмата „Еразмус плус“.
На настанот, прв од ваков карактер во нашата земја, присуствуваа претставници од 12 земји кои во три групи според континентот Азија, Африка и Европа дојдоа да ги презентираат своите мобилни решенија кои имаат за дел да донесат позитивни промени и подобрување на општеството.
Тројцата победници со оваа победа го резервираа своето присуство на претстојните Европски младински награди (European Youth Awards) кои ќе се одржат во Грац, Австрија, од 28 ноември до 1 декември годинава.
„Навистина научив многу преку овој проект, уште за време на азискиот камп, но и сега во Македонија. Среќен сум што ја добив можноста да одам на Европските младински награди, но и сите вие го заслужувате ова бидејќи сите навистина имавте одлични проекти и апликации, кои решаваат одреден социјален проблем во секоја земја“, изјави Кенет Ау, креаторот на мобилната апликација Umix од Хонг Конг, која овозможува преку гласовни пораки да се создаде мелодија.
Победничката од Танзанија, Ирене Ниока, која работи на апликацијата Mtabe и овозможува помош во училишните задачи на младите Танзанијци се заблагодари на сите, особено на новите пријатели кои ги стекна за време на овој проект и додаде дека целиот проект за неа претставува позитивно искуство.
Покрај натпреварот, во истиот период во рамки на проектот HYPERLINK “http://myouth.eu/” mYouth 2.0 се одржа тренинг на тема бизнис и маркетинг преку кој учесниците ги проширија своите знаења како да направат подобар бизнис-модел и маркетинг-стратегија. Жирито кое беше присутно во состав од 16 членови, а секој од нив беше експерт од сферата на информациски технологии, дизајн, бизнис, маркетинг и комуникација интензивно работеа да ги изберат најдобрите 3 мобилни апликации. Истовремено, тие споделуваа знаење и искуство со учесниците преку интерактивни сесии, работилници, вежби и едукативни кампови.
Организацијата Асоцијација за едукација „Младиинфо интернационал“ го спроведува проектот во рамки на програмата „Еразмус плус“, заедно со партнери од 13 земји. На овој настан му претходеа локални кампови во секоја од партнерските држави, а потоа и континентални кампови во Гана, Хонг Конг и Салзбург, а финалното случување ќе се одржи во Грац, Австрија, во периодот од 29 ноември до 1 декември 2018 каде тројцата победници ќе се натпреваруваат на Европските младински награди (European Youth Awards) и ќе ги претстават своите апликации пред експерти и потенцијални инвеститори.
„Ова е одлична можност за учесниците од Европа, Азија и Африка не само да научат нови вештини и да ги подобрат своите мобилни апликации, туку да израснат во одговорни граѓани на своите земји. Дополнително сме горди што токму Македонија беше домаќин на едно вакво меѓународно натпреварување и што имавме можност да им ја прикажеме нашата култура и традиција, дотолку што за добар дел од учесниците ова беше прво патување во Европа. Несомнено, интеркултурното учење и меѓународните пријателства се најголема придобивка од ваквите проекти“, изјави Марјан Ицоски, проектен координатор во „Младиинфо интернационал“.
Ова е втор проект на тема мобилно учење на „Младиинфо интернационал“, по успешната реализација на првиот mYouth кој се спроведуваше од 2015 до 2017 година, и преку кој повеќе од 15000 млади од светот беа информирани и запознаени со мобилни решенија во сферата на младите, образованието и вработливоста.
Поврзани артикли