Еден од најистакнатите британски математичари, Мајкл Атија, тврди дека пронашол доказ за Римановата хипотеза – еден од шесте математички проблеми за чие решение е предвидена награда од милион долари, а кој речиси 160 години ги излудува неговите колеги во светот.
Сега пензионираниот Атија (89), инаку наградуван британско либански математичар, го претставил својот труд на собир во Хајделберг, за кој тврди дека е едноставен доказ за Римановата хипотеза, а дали успеал да реши еден од најпознатите нерешени проблеми во математиката ќе утврди комисија, наведува магазинот „Њу сајентист“.
„Доколку решението биде потврдено, тоа ќе биде голема вест“, оценува британскиот научен магазин, укажувајќи дека, меѓу другото, таа хипотеза е блиску поврзана со делењето на основните броеви кои не може да се делат со ниту еден цел број освен со самиот себе и со бројот еден.
„Ако се докаже дека хипотезата е точна, математичарите ќе добијат мапа за да ги лоцираат сите такви основни броеви, што би претставувало значително поместување со далекусежни ефекти во таа област“, пишува во текстот.
Наградата од милион долари, ветена за решавање на еден од шесте нерешени Милениумски проблеми во математиката, која ја поставил американскиот Институт за математика „Клеј“, ставаше многумина математичари во искушение да се впуштат во потрага за докази за Римановата хипотеза, но ниту еден од нив не успеа да стигне до наградата.
Атија е свесен за ваквата историја на неуспеси.
„Никој не верува дека воопшто постои доказ за Римановата хипотеза, а не па дека тој доказ може да го даде некој кој има 90 години“, рекол тој.
Извор: Макфакс
Поврзани артикли