Volkswagen Group планира да произведе 10 милиони електрични автомобили на платформата MEB, објавија од компанијата.
Имено, германскиот гигант има за цел до 2022 година да направи голема „електрична“ офанзива на глобално ниво.
Volkswagen ќе произведува 27 модели за брендови кои припаѓаат на групата, а сите ќе бидат поставени на модуларната MEB платформа, специјализирана за електрични возила. Првенецот ќе биде ID, која од производните линии во Цвикау ќе се симне на крајот од следната година.
„Само во првиот бран, околу 10 милиони автомобили од VW групата ќе бидат базирани на оваа платформа“, вели Томас Улбрих, главниот човек на компанијата за електричен транспорт, на презентацијата во Дрезден.
Компанијата не го специфицира точното време на лансирање во својата прогноза, но се држи до постоечката цел која подразбира продажба на три милиони единици годишно до 2025 година, која ќе се однесува на 50 модели од групата со погон на батерии.
Volkswagen, како и другите германски производители, се стреми да постигне одржливо сериско производство на електрични автомобили, и тоа во време кога Tesla се мачи со Model 3, својот прв големо сериски примерок. BMW и Daimler, исто така, планираат да го зголемат и забрзаат пазарното лансирање на електрични модели во наредните години.
Групацијата VW, која ги вклучува Audi, Porsche, Škoda и Seat, минатата година продаде 10,7 милиони автомобили.
Volkswagen, како бренд, планира да продаде околу 150.000 електрични автомобили, вклучувајќи и 100.000 примероци од моделот ID, кој ќе биде произведен во Германија до 2020 година.
По дизел скандалот кој го потресе конгломератот пред три години, а чии последици и понатаму се присутни, Volkswagen претстави амбициозен план за групата, која сака да стане светски лидер во „зелениот“ транспорт. Планот е да се инвестира 6 милијарди евра во производството на електрични автомобили, од кои 1,5 милијарда ќе бидат инвестирани во фабриките во Брауншвајг, Салцгитер и Касел.