Apple официјално ја претстави новата генерација iPhone уреди, која ја сочинува и најголемиот iPhone објавен досега. Новите модели ги носат имињата iPhone Xs и iPhone Xs Max, изгледаат идентично како нивните претходници, но пристигнуваат со две битни разлики: достапни се во златна варијанта, а за разлика од минатогодишните модели Xs Max е навистина огромен.

Како претходните години, кога беа претставувани iPhone модели со S ознака во името, годинашните модели воглавно ги дефинира надградбата на спецификации. Ова вклучува екран со поголем динамички распон, поширок опсег на стерео звук од звучниците и подобрена брзина за Face ID. Водоотпорноста е исто така подобрена на двата модела. Процесорот доби надградба, а телефоните сега го користат новиот Apple A12 Bionic процесор. Во прашање е шестојадрен чип, креиран во 7 нанометарски процес. Тим Кук ги нарече уредите „далеку најнапредни iPhone модели кои некогаш ги креирала компанијата”.

iPhone Xs претставува надградена верзија на минатогодишниот iPhone X модел, а пристигнува со OLED со големина од 5.8-инчи (2436 x 1125 пиксели, 2.7 милиони пиксели, 458 ppi). Големиот  iPhone Xs Max има OLED екран од 6.5 инчи (2688 x 1242 пиксели, 3.3 милиони пиксели, 458 ppi), а го карактеризираат дополнителни софтверски можности, како поделениот приказ во многуте апликации, познат уште од iPhone Plus моделите. Екраните имаат поддршка за HDR10 и Dolby Vision, 120Hz touch-sensing, 3D Touch, True Tone, како и поддршка за широк распон на боите.

Смартфоните ќе бидат достапни во три капацитети: 64GB, 256GB i 512GB, од кои 512 GB е новитет за телефоните на Apple. Моделот Xs со 64 GB интерна меморија ќе се продава по цена од 999 долари, додека 64GB Xs Max ќе чини 1099 долари. Претпродажбата почнува од петок, а на пазарот ќе се најде од 21. септември.

iPhone Xr

Исто така беше претставен и моделот iPhone XR, кој одзади изгледа како iPhone 8, а однапред како iPhone X. Има заден дел од стакло и алуминиумска рамка и доаѓа во шест бои – црн, бел, син, жолт, црвен и корален. Заштитен е од вода по стандардот IP67 и има екран кој Apple го нарекува Liquid Retina. Нема 3D Touch, туку “Haptic touch” и ја поседува Face ID технологијата како во iPhone Xs.