Голф терените во Северна Дакота кои што ги нарекуваат “Sili-Drone Valley” веруваат дека со доставата на храна и пијалоци со дрон ќе го сопрат намалувањето на бројот на членовите на голф клубот.

Членовите на голф клубот од 15. септември на терените ќе може да нарачаат храна и пијалоци кои што ќе им бидат доставени од дрон за само три долари. Освежувањето ќе може да се нарача преку апликација, а за само 10-тина минути дронот ќе пристигне до својата дестинација.

„Без оглед на тоа каде ќе се наоѓате, вие ќе го добиете тоа што сте го нарачале за само неколку минути“, изјави извршниот директор на “FlyTrex”, Јарив Баш за „СиЕнЕн“.

Иако овој начин на достава се уште е во фаза на тестирање, од компанијата “FlyTrex” која што е задолжена за логистиката веруваат во успехот на идејата. Минатата година на Исланд отвориле сличен бизнис и веќе имале повеќе од стотина успешни достави.

Секако, како и во многу држави, така и во САД постојат бројни закони кои што забрануваат дрон да лета над луѓе, како и да биде управуван автоматски без да го контролира оператор. Но, со оглед на тоа што голф терените се големи и прегледни и на нив има мал број на луѓе, дроновите на “FlyTrex” нема да ја загрозуваат безбедноста на играчите. Поради тоа, многумина сметаат дека голф терените се идеално место за започнување на овој бизнис.

Додека многу луѓе се скептични околу ваквата идеја, директорот на голф паркот верува дека ова е револуција која што ќе привлече многу вљубеници во спортот во неговите голф терени.