Главната улога на Facebook е да им овозможи на своите корисници да останат поврзани со пријателите и семејството. Најголемата социјална мрежа сега спроведува тестови за нова функција, која преку ознака ќе покажува што корисникот има заедничко со оние со кои не е поврзан на Facebook.
Компанијата верува дека ова ќе води кон јавни дискусии кои ќе бидат од големо значење. Ознаката ќе ги споменува заедничките работи кои корисникот ги има со странците на Facebook. На пример, доколку и лицето што не го познавате и вие студирате на ист факултет, ознаката ќе го нагласи тоа. Доколку живеете блиску еден до друг, тогаш ознаката исто така ќе го нагласи тоа.
Социјалната мрежа истакнува дека ознаката ќе ги прикажува информациите кои веќе можат да се најдат на нечиј профил. Исто така, сите податоци кои корисникот ги ставил како приватни ќе останат сокриени и нема да се прикажуваат со овие ознаки. Компанијата моментално ја тестира функцијата на помал број на корисници во САД, а од повратните информации зависи дали Facebook ќе им ја овозможи функцијата и на сите свои корисници.