Амнести Интернешнл (АИ) објави денеска дека деловните модели на „Фејсбук“ и „Гугл“ се „засновани на надзор“, нагласувајќи дека станува збор за „системска закана“ во поглед на човековите права.

Во извештајот се тврди дека тие групи, со тоа што нивните онлајн услуги ги прават бесплатни и неопходни за милијарди луѓе, а потоа користејќи лични информации собрани за насочено рекламирање, ја загрозуваат слободата на мислата и изразувањето.

– Нивната подмолна контрола врз нашите дигитални животи ја поткопува основата на приватноста и е еден од најголемите предизвици на нашето време кога станува збор за човековите права, рече генералниот секретар на АИ, Куми Наиду.

Тој процени дека луѓето денес се „во замка“.

– Ние или се предаваме на оваа огромна машина за набудување – каде што нашите податоци лесно се користат за да манипулираат и да влијаат врз нас – или се откажуваме од придобивките на дигиталниот свет, додаде генералниот секретар на АИ.