Најбогатиот човек на светот и основач на Amazon, Џеф Безос, денеска треба да поднесе оставка од функцијата извршен директор на таа џиновска платформа за трговија преку интернет. Тој помина 27 години на чело на компанијата.

Безос, кој е на првото место на листата со најбогати личности во светот на Forbes, со имот вреден речиси 189 милијарди долари, најави заминување од функцијата извршен директор на Amazon во февруари со цел да се посвети на својата вселенска компанија Blue Origin, пишува „Раша тудеј“.

Amazon, која почна да работи како онлајн-книжарница во 90-тите години на минатиот век, порасна во последните две и пол децении и стана една од највредните компании на берзата во светот, со пазарна капитализација од 1,7 трилион долари.

Безос планира да задржи 10,3 проценти од акциите во компанијата, како и позицијата извршен претседател на бордот на директори на Amazon.

Тој ќе му ја предаде позицијата извршен директор на Енди Џеси, кој ѝ се приклучи на компанијата во 1997 година и кој во моментот го води секторот за облак-компјутери на Amazon.

Во меѓувреме, Безос планира да му се придружи на екипажот на вселенското летало-капсула „Њу Шепард“ на неговата вселенска компанија на првиот патнички лет во вселената, што е закажано за 20 јули, на годишнината од слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината во 1969 година.