Смартфоните кои имаат камери со голем број мегапиксели повторно се враќаат, но се чини дека и брендот кој го започна овој тренд решил повторно да го освојува пазарот. Компанијата HMD, позната по изработка на новите Nokia смартфони, повторно станала сопственик на PureView брендот, соопшти Nokiamob, повикувајќи се на Европската агенција за интелектуална сопственост EUIPO. HMD има лиценца да ги изработува Nokia 1, 6, и 7 Plus смартфоните, како и flagship-от Nokia 8 Sirocco и ретро моделот 8110 Reloaded.

PureView технологијата беше најпрво искористена во Symbian моделот Nokia 808 PureView, а потоа и во Windows Phone моделите како што беше Lumia 1020, кој имаше вградена камера со 41 мегапиксел и беше врвот помеѓу моделите на Nokia кои беа фокусирани на камерата. Кратко после тоа, Nokia беше преземена од Microsoft, но сега Windows Phone повеќе не е сериозен играч на пазарот.

HMD сега ќе има можност повторно да ја заживее PureView технологијата, со тоа што ќе изработува смартфони кои ќе ги имаат истите функции на камерата како нивните претходници. Оваа информација навистина ветува, со оглед на тоа што компанијата неодамна го обнови своето партнерство со Zeiss и вети дека ќе работи со германската оптичка компанија на оптички способности што би дефинирале стандард на пазарот за идните смартфони. PureView, Nokia и Zeiss би значеле голем скок напред во маркетингот на HMD, но новите смартфони кои ќе ги инкорпорираат овие брендови ќе треба навистина да се потрудат за да ги надминат нивните претходници.