Роботи од следната година ќе предаваат англиски јазик на деца од Јапонија. Во соработка со учителите, тие ќе помогнат да се подобри изучувањето и знаењето на англискиот јазик.
Бидејќи Јапонците се познати по слабиот англиски, јапонското министерство за образование планира пилот-проект вреден 250 милиони јени, односно близу 2,3 милиони долари.
Роботите во Јапонија веќе имаат најразлични функции. На пример, тие може да го проверат изговорот на англиски зборови, што е понекогаш тешка задача за наставниците, објаснуваат од министерството.
Јапонските училишта традиционално имаат проблеми со малиот број квалификувани наставници по англиски јазик.
Роботите нема да бидат единствената мерка за подобрување на квалитетот на изучувањето на англискиот јазик, па така учениците ќе добијат и апликации за таблети и мобилни телефони со вклучени лекции од луѓе на кои англискиот им е мајчин јазик.
За две години Јапонија ќе започне да го применува новиот систем кој предвидува децата да почнат да учат англиски од десет години, посочуваат научните портали.