“Ништо не може да ве подготви за првиот поглед на планетата Земја од вселената. Првиот впечаток кој го имав беше колку е тенка нашата атмосфера”, изјавил 63-годишниот Дон Томас, некогашен астронаут кој 20 пати бил во вселената.

Томас раскажал како всушност изгледа животот на еден астронаут.

“Тоа не е она пространо, прекрасно сино небо на кое сме навикнати, изгледаше тенко како лист хартија. Не постои астронаут чиј нос не бил залепен за прозорецот”, опишал Томас.

Сите знаат дека е многу тешко да се стане астронаут.

“Дипломата од физика е еден од основните услови, а јас имам магистрирано и докторирано инженеринг, но тоа не беше доволно. Три пати бев одбиен, а дури кога добив дозвола за пилот, научив да скокам со падобран и добив работа во НАСА, конечно пројдов. Тоа беше мојот четврт обид, кога имав 33 години”.

Како што раскажал Дон, тренирал четири години пред првата мисија која траела 15 дена. НАСА се грижи за тоа некој да не се разболи, па затоа астронаутите се постојано подложени на медицински тестирања, но сепак мачнините и повраќањата се многу честа појава.

“Мачнината е доволно лоша сама по себе, околу третина од астронаутите патеа од неа и често повраќаа. Можете да замислите како изгледа тоа во вселената, нималку пријатно”, вели Томас.

Утрото кога полетал за првпат, било највозбудливото нешто во неговиот живот, но за неговата сопруга било најлошото бидејќи многу се грижела за него. Веќе првиот ден во вселената, Дон мислел дека имал средба со вонземјани.

“Потребни се осум и пол минути за да влезете во вселената, 200 милји над Земјата. Станува морничаво тивко кога ќе стигнете таму. Првиот ден во вселената, погледнав низ прозорецот и еден блесок ми го привлече вниманието. Секоја секунда, се движеше сѐ поблиску и поблиску. Не можев да поверувам дека уште првиот прв во вселената стапив во контакт со вонземјани! Но, мојот “вонземјанин” излезе дека е парче лед кое испаднало од шатлот и блескаше секој пат кога од него се одбиваше сончева светлина. Уште една неверојатна глетка беше огромната топка светлина која пројде покрај нас. Ѕвезда што паѓа. Секако, замислив желба – безбедно да се вратам дома”, раскажал тој.

Во поглед на астронаутскиот живот, Дон изјавил дека астронаутите во период од 24 часа спијат околу 7-8 часа врзани за кревет за да не лебдат наоколу, имаат еден час за оброци и уште еден час за вежбање и разонода.

Астронаутите се забавуваат со шах чии фигури во себе содржат магнети за да останат на таблата, а некогаш си додаваат, но наместо топка тие користат еден од астронаутите кој склопчен лета низ кабината додека неговите колеги го фрлаат.

“Сега сум престар за вселенските патувања и се пензионирав, но ги учам децата за чудата на вселената секој ден. Кога ќе почувствувате наплив на адреналин каков што пружа патувањето низ вселената, тешко е да знаете што следува. Мојот сон е да примам повик од некој кој сум го инспирирал да ги следи моите чекори”, заклучил Томас.

Извор: Kurir.rs