Поради употреба на канцерогени материи во составите за полнење, Volkswagen се соочува со потенцијален отповик на електрифицираните возила.
VW Group и официјално ја потврди можноста за отповик на 124.000 електрични и хибридни автомобили од гамата на Volkswagen, Audi и Porsche, а се поради употребата на токсичен кадмиум, кој е пронајден во компонентите на полначот, јавуваат голем број на светски медиуми.
По информациите објавени од страна на германското списание Wirtschaftswoche, Volkswagen потврди дека во моментов е во преговори со германските власти одговорни за патен транспорт (KBA – Kraftfahrtbundesamt) за можен отповик.
„Отповикот кој го бара KBA во моментов е во процес на појаснување“, е кратката изјава на портпарокот на Volkswagen.
Прстот е вперен во тешкиот метал кадмиум, кој може да биде опасен за здравјето и е забранет во автомобилските делови, а се наоѓа во сите полначи кои ги користат електрифицираните возила во рамките на групата (од 2013 година до минатиот месец) пишува Electrek. Станува збор за околу 0,008 грама на кадмиум во секој од полначите. KBA верува дека повикот во сервис е потребен, но Volkswagen појаснува дека оспорениот дел е во затворено куќиштете па така кадмиумот не може да им наштети на возачот и патниците.
Поради сето ова, производството на електрифицирани автомобилот е суспендирано додека не се обезбеди соодветна компонента во која не постои спорниот материјал.