Македонската компанија „Цертиадриа“ што ја промовира потребата од дигитални вештини и дигитална писменост кај владини претставници, ја доби наградата „EU Advocate of the Year“ на традиционалниот Глобален партнерски самит минатата недела во Орландо.
Наградата се доделува секоја година на партнер, што на својот континент остварил придонес за зголемување на свеста за потребата од дигитална писменост и сертификацијата, а „Цертиадриа“ ја доби од „Сертипорт“.
– Трудот што тимот го вложи во лобирање за потребата од дигитална писменост кај владини претставници е препознаен од Сертипорт со оваа награда. Нашата цел е владините институции да ја препознаат и поддржат потребата од сертификација, како инструмент за мерење на нивото на дигитална писменост, но истовремено преку сертификацијата на младите генерации да им се овозможи да ја пронајдат работата за која сонуваат, вели директорот на „Цертиадриа“ Марко Серафимовски.
Таргети на „Цертиадриа“ се и образованието и бизнис секторот. Компанијата активно работи во Албанија, Бугарија, Босна, Хрватска, Словенија, Србија, Македонија, Малта, Црна Гора и Косово, каде нуди сертификати од индустриски лидери како: Microsoft, Adobe, Autodesk, ISTQB, DASA and IAPP. Истовремено го споделува своето знаење и искуство со владини и образовни институции, со цел создавање наставна програма која ќе биде во согласност со новите трендови. На овој начин компанијата ја исполнува својата општествена одговорност и помага во транзицијата кон новиот дигитален свет.