Досега сигурно ви се случило да ја слушнете реченицата „Еј, некој ми го хакна профилот на Facebook“ од некој од пријателите, кој потоа ви се извинувал ако ви стигнале чудни пораки и линкови од него. Но, како и со многу други работи, никогаш не сте очекувале дека тоа може да ви се случи и вам.
Се додека еден ден некој од пријателите не ви се пожали дека на Facebook, од вас, му стигнала порака со линк кој го однел до некоја порнографска страница полна со сомнителна содржина и вируси.
Го стартувате вашиот компјутер, отворате Facebook и таму ве чекаат добро или лошо сценарио.
Подоброто сценарио
Некој хакер ја пробил вашата лозинка и влегол во вашиот Facebook профил, но не ја сменил, што значи дека вие се уште можете да се логирате и да го „исфрлите“ натрапникот.
Влезете во Account Settings и под Security најдете ја опцијата Active sessions. Кликнете и проверете кои уреди и кога имале пристап до вашиот профил. Оној што го користите во моментот ќе биде означен како Current Session, додека останатите конекции ќе бидат наведени под нив.
Ако видите непознат уред или локација, притиснете End Activity. Како превенција можеби е најдобро да ги прекинете сите конекции, да се логирате и веднаш да ја смените лозинката. Откако повторно ќе се поврзете со новата лозинка, пратете им порака на пријателите и објаснете дека не треба да ги отвораат линковите и пораките што претходно ги добиле од вас.
Полошото сценарио
Ако сте задоцниле и хакерот успеал да ја смени лозинката, тоа ќе ве спречи да се логирате во својот Facebook профил, па не ви остануваат многу опции – ќе морате да ги информирате во Facebook дека вашиот профил е компромитиран.
Тоа може да го направите преку Facebook страницата за пријавување на вакви случаи My Account Is Compromised. Системот ќе побара да се идентификувате или со пишување на и-мејл адресата, телефонскиот број или корисничкото име со кое вие се логирате или пак на некој од вашите пријатели.
Следете ги упатствата што ќе ви ги даде мрежата за да ја вратите контролата над својот профил. Целиот процес може да потрае од неколку минути до неколку денови во зависност од тоа колку е слободна екипата на Facebook.
Кога ќе ја вратите контролата над профилот, веднаш променете ја лозинката, а потоа проверете што се било објавено на вашиот профил и дали има нешто што не би требало да биде таму. Проверете ги и пораките и инсталираните апликации. Тоа може да го направите преку опцијата Apps and Websites која е во делот за приватноста и проверете кои апликации се користени. Секоја сомнителна апликација, слободно избришете ја и не заборавајте да ги известите пријателите за тоа што се случило.
Како да ги спречите хакерите?
За да спречите вакво нешто повторно да се случи и некој неовластено да ви влезе во сметката, изберете лозинка која ќе има комбинација од мали и големи букви и бројки, а ќе ви биде едноставна за памтење.
Уште една добра опција е можноста во Account Settings > Security да побарате нотификации секој пат кога ќе има логирање од некој нов уред. Системот потоа ќе ви овозможи да направите листа на овластени уреди од кои може да се пристапи на вашиот Facebook профил.
Како дополнителна опција за безбедност е Login Approvals односно двојното логирање. Системот функционира едноставно, па покрај впишувањето на лозинката, ќе добиете и порака со код на вашиот мобилен телефон. Ако добиете порака на мобилниот, а не сте седнати на компјутер, значи дека некој се обидува да се логира на вашата сметка. Facebook ќе му го скрати пристапот на секој кој нема да го впише кодот од пораката или пак ќе го погреши.
Поврзани артикли