За само два дена од објавувањето, снимката на којашто е прикажан лимонот ја виделе повеќе од 6,5 милиони корисници

На „Твитер“ се случува феномен. Милиони луѓе зјапаат во лимон што се тркала. За само два дена од објавувањето, снимката на којашто е прикажан лимонот ја виделе повеќе од 6,5 милиони корисници на оваа социјална мрежа.

Се работи за двеминутно видео, снимено со мобилен телефон, а на кое се гледа голем жолт лимон како се тркала по улица. Во снимката не се случува ништо посебно. Лимонот само се тркала, поминува покрај автомобили, купчиња лисја од дрвја, вирчиња вода.

Иако очекувањата се дека нешто ќе се случи, до такво нешто не доаѓа. Лимонот, кој изгледа свежо и сочно, си го тера својот пат право надолу. После две минути, на подножјето од ридот, лимонот едноставно запира, а со тоа и исчекувањата дека ќе дојде до некаков драматичен пресврт.

Автор на видеото е фотографот и твитерџија Мајк Сакасегава (Mike Sakasegawa). Тој тврди дека, додека одел накај дома, видел како по улицата во неговото соседство се тркала лимон. Инстинктивно го извадил мобилниот телефон и почнал да го следи малото жолто овоштие. Како што објаснува, ниту самиот не знаел колку време ќе го следи патешествието на лимонот.

Уште помалку, пак, очекувал дека видеото што веднаш потоа го пласирал на „Твитер“, ќе доживее толкава популарност.

Кусо после објавувањето, доаѓа до масовно споделување на видеото и неговата популарност станува милионска.

Мајк приказната ја продолжил и следниот ден. Објавил и фотографии од мегапопуларниот лимон, нагласувајќи дека ќе го чува во својот дом.

Засега нема јасно објаснување зошто ова сосема обично видео се стекна со толкава популарност. Претпоставките се дека голем број од корисниците на социјалната мрежа очекуваат да се случи нешто драматично или, пак, едноставно, се љубопитни да видат која ќе биде крајната дестинација на лимонот.

Останува да се види дали ова видео што случајно стана популарно, ќе послужи како инспирација за нови креативни видеа со слична тематика.

Извор: AdToDate.mk