Facebook се соочува со првата парична казна поради тоа што не ја спречил фирмата Кембриџ аналитика да дојде до информации од профилите на корисници на таа социјална мрежа.

Надлежната канцеларија на британската Влада која го истражуваше скандалот соопшти дека има намера да го казни Facebook со 500 илјади фунти (663 илјади долари) поради лошата заштита на податоците.

Тоа е максималната казна која повереник за информации може да ја наплати поради кршење на британските закони за приватност на податоците.

Тоа ќе биде прва опиплива казна за компанијата поради скандалот, кој ја загрози репутацијата и поради кој нејзиниот извршен директор Марк Цукерберг сведочеше во април во Конгресот во САД за податоците на корисниците кои компанијата ги направила достапни за трети лица.

Facebook објави дека британската компанија Кембриџ Аналитика, компанија која го советуваше американскиот претседател Доналд Трамп во изборната кампања 2016 година, дошла до лични податоци на 87 милиони корисници. Кембриџ Аналитика, која во мај престана да работи, соопшти дека дошла до податоци на само 30 милиони луѓе.

Скандалот беше откриен откако нејзиниот поранешен вработен Кристофер Вајли изјави дека податоците на корисниците на Facebook се компромитирани по пат на апликација „Ова е твојот дигитален живот“, квиз за личноста во кој учествувале 270 илјади лица. Покрај податоците на учесниците во квизот, апликацијата собирала податоци и за нивните пријатели.