Боливиските власти ќе изградат музеј на дното на езерото Титикака, во вредност од 10 милиони долари. На оваа одлука ѝ претходеше откривањето на неколку илјади археолошки предмети во езерото, соопшти министерството за култура на Боливија.

„Тоа ќе биде туристички, но и археолошки, геолошки и биолошки центар, што ќе го прави единствен од таков вид во светот“, рекла министерката за култура Вилма Аланока.

 Езерото Титикака, кое се протега на 8.562 квадратни километри површина меѓу Боливија и Перу, е колевка на бројни култури кои цветале пред колонијалната ера. Во текот на последните неколку години на дното на езерото се пронајдени речиси 10.000 археолошки предмети. Музејот ќе се наоѓа на околу 100 километри од главниот град.