Тркачкиот модел Porsche 919 Hybrid Evo стана најбрзиот автомобил на легендарната патека во Нирбургринг, надминувајќи го претходниот најдобар резултат за дури 52 секунди.

После неколку обиди, Тимо Бернхард го помина кругот на оваа патека за 5 минути и 19,55 секунди, со што го сруши светскиот рекорд од мај 1983 година, кој изнесуваше 6 минути и 11,13 секунди, а кој исто така го постави еден тркачки автомобил на Porsche – моделот 956 C.

Иако овој резултат и напредок во однос на 35 години стариот рекорд на оваа стаза изгледа неверојатно, се верува дека автомобилот на Porsche може да постави нов рекорд, односно да ја помине патеката за помалку од 5 минути.

Porsche 919 Hybrid Evo, кој го постави новото најдобро време, има хибриден погон со речиси 1.200 коњски сили, а неговата тежина изнесува 849 килограми.