Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација на компанијата „Мајкрософт“ што ја предводеше Филип Рог, претседател на компанијата за централна и источна Европа. Како што соопшти Владата, на средбата било разговарано за финиширање на подготовките кои треба да се преточат во договор за соработка на Владата со „Мајкрософт“, кои беа започнати во Давос оваа година.

„Во разговорот беше истакнато дека воведувањето на модерна и технолошки напредна инфраструктура, и со соодветно обучена администрација и пријателски дигитални услуги се предност и кога станува збор за привлекување на директни странски инвестиции, како и за приватните компании во земјата, на кои ќе им биде максимално олеснета комуникацијата и извршувањето на работите на инвеститорите низ дигитализираните процедури“, соопшти Владата.

Посебно внимание на денешната средба била посветена на темата сајбер безбедност, и на можностите што „Мајкрософт“ може да ги понуди на овој план, за да се обезбедат владините комуникации и за да се реагира на сајбер нападите брзо, одговорно и ефикасно, како и за потребата од компатибилност на безбедносните системи и протоколи со оние на НАТО и на ЕУ.

Од компанијата „Мајкрософт“ потенцирале дека тие се запознаени и со внимание ја следат имплементацијата на владините програми за поддршка на ИТ компаниите и секторот и дека се подготвени да земат учество во поддршка на стартап компаниите и акацелераторите во бизнисот со информатичка технологија.