Не само Американците ќе можат да ги искористат предностите на такси услугите на компанијата Waymo, развивачот на автономни автомобили во составот на холдингот Alphabet. Според Ројтерс, Waymo ќе го нападне со беспилотни такси возила и пазарот во Европа.

Оваа година, Waymo се очекува да ја објави својата иновативна услуга во САД. Во подоцнежна фаза – не е јасно кога точно – компанијата ќе им понуди иста услуга на европските граѓани.

Според извршниот директор на Waymo, Џон Крафчик, компанијата може да дојде во Европа со партнери, чии имиња не беа објавени.

„Имаме можност да експериментираме тука, во Европа, со различни производи и дури со различни стратегии за влез на пазарот“, изјави Крафчик за време на „Automotive News Europe Congress“ во Торино.

„Можно е да се избере сосема поинаков пристап од САД“, додаде тој.

На американска територија, Waymo ги користи возилата што ги произведуваат Fiat Chrysler (FCA) и Jaguar Land Rover. Сé уште не е познато кои производители ќе соработуваат со компанијата во Европа.

Крафчик признава дека брендот Waymo не е добро познат на Европејците. Затоа, услугата за беспилотни такси може да биде понудена под друго име на Стариот континент.