Apple во текот на својата традиционална WWDC конференција го претстави iOS 12. Надградбата на новиот оперативен систем ќе биде достапна наесен и ќе биде овозможена за сите уреди кои моментно работат на iOS 11. Ова значи дека iPhone 5s и поновите модели на телефони ќе ја добијат надградбата, како и iPad моделите објавени од 2013. година. Од вчера е достапна тест верзијата за програмери, а подоцна овој месец на веб-адресата beta.apple.com ќе биде достапна јавна бета верзија, која ќе може да биде инсталирана од секој корисник.
iOS 12 носи забрзана работа на системот и тоа би требало да се почувствува дури и во стари уреди како iPhone 5s. Според Apple апликацијата за камерата стартува со 70% побрзо, тастатурата се појавува за до 50% побрзо, а притискањето на копчињата е „пореспонсивно“. Во исто време, апликациите треба да работат двојно побрзо. Во платформата е додадена технологијата ARKit 2, која ветува уште подобро искуство со апликации за проширена реалност, додавајќи нови можности.
Меѓу нив се споделени искуства меѓу повеќе корисници, постојани AR објекти кои се поврзани со одредени локации, препознавање на објекти и следење на слики. Компанијата воведува и нов дата формат (usdz) за полесно користење на AR насекаде во iOS, вклучувајќи Messages, Safari, Mail, Files и News.
Apple ги проширува опциите за комуникација на корисниците на iPhone X со нови Animoji и можност за креирање на персонализирани аватари со име Memoji кои можат да се користат и во FaceTime разговори, заедно со филтри, стикери, натписи и други ефекти. Веќе ќе биде можно и спроведување на групни FaceTime разговори со до 32 учесници, кои можат да се вклучат со видео или аудио од iPhone, iPad, Mac и дури Apple Watch.
Siri исто така, добива нови опции како на пример Shortcuts која обезбедува начин за користење на виртуелниот асистент со секоја апликација преку создавање на едноставни гласовни команди. Можно е и поврзувањето на неколку активности во различни апликации кои ќе се извршуваат со еден допир или едноставно со гласовна команда. Технологијата стана попаметна и сега ќе може да понуди различни акции во вистинско време.
iOS 12 добива нова апликација Photos со попаметна функција за препорака и подобрено пребарување. Во неа има и нов таб со име For You, кој ќе ги вклучува сите омилени моменти на едно место, откако ќе комбинира Memories и споделени албуми од iCloud. Новата функција со препораки за споделување ќе ја олесни испораката на слики со пријателите, откако тие ќе добијат потсетување да ги споделат назад сликите и клиповите од истото патување или настан.
Платформата вклучува нови алатки за контрола на времето што корисниците го трошат со своите iOS уреди. Во функција Do Not Disturb веќе има нови режими, кои се поврзани со време, локација или акција, а Do Not Disturb during Bedtime би требало да им овозможи на корисниците да спијат подобро, откако ќе го затемни екранот и ќе ги скрие известувањата до утрото. Додадени се повеќе опции за контрола на известувањата, вклучувајќи и можност за групирање и за лесно управување.
Додатокот Screen Time овозможува детални информации и алатки за лесно контролирање на времето кое корисниците го трошат со апликации и сајтови. Достапни се дневни и неделни извештаи кои го покажуваат вкупното време поминато во одделни апликации и категории на апликации, број на добиените известувања и колку често корисникот ги користел своите iPhone или iPad. Оваа функција им овозможува на родителите да го контролираат времето кое децата го поминуваат на iOS уредите.
Меѓу другите промени се зголемена безбедност и заштита на личните податоци во Safari, нов дизајн на Apple Books, промени во Apple News и Stocks, нов дизајн за апликацијата Voice Memos (веќе е достапно и во iPad) со опција за синхронизација на записите во различни уреди, поддршка на надворешни апликации за навигација во CarPlay, превод со Siri на над 40 јазици, поддршка на студентски карти во Wallet во iPhone и Apple Watch и други.