Посилен си отколку што мислиш, посакувам јас да бев толку силен како тебе. Ова на децата заболени од рак им го вели виртуелно пријателче што наликува на зајаче и кое се појавува во болницата во којашто се наоѓаат. Тоа виртуелно другарче се „дружи“ со децата утешувајќи ги додека лежат во болничките кревети и чекаат операција или терапија што трае со недели или месеци.

Виртуелното зајаче нема да ги отстрани заболените клетки кај детето, но неговите охрабрувачки зборови се од голема помош кога е потребно малото момче или девојче да добие сила и да издржи во долгото лечење од болеста.

Се работи за апликација што креира виртуелна реалност, а со цел да им биде од помош на заболените деца. Апликацијата е резултат од заедничката работа меѓу Педијатриската фондација за борба против тумор на мозокот кај децата и агенцијата PRA.

Апликацијата води и кон дваесетина куси анимирани видеа, во кои главни ликови се птици, животни, предмети коишто оживуваат и им зборуваат на децата на јазик што тие можат да го разберат, наместо комплицирани и непознати медицински термини. Намерата е да им се влее надеж и храброст кај најмалите за полесно разбирање и пребродување на мачните терапии.

Според податоците од педијатриската организација, секоја година околу 300.000 деца заболуваат од рак на мозокот.

– Секој ден кај 13 деца и тинејџери се открива тумор на мозокот или на централниот нервен систен. Нашата фондација има цел да им помогне на тие деца, за полесно да ги пребродат терапиите. Еден од начините да се направи тоа е да им се влее самодоверба и храброст на тие деца, зашто во мигов тоа им е најпотребно – вели Робин Бечер, претседател на Педијатриската фондација за борба против тумор на мозокот.

Кампањата е именувана „Imaginary Friend Society“, a стартуваше лани со анимирани едукативни филмови во кои главните јунаци, преку игра, им објаснуваат на децата што е тумор и дека не се оставени сами во борбата против болеста. Апликацијата со аугментативна (проширена) реалност е надополнување на таа кампања.

Сите анимирани филмови се бесплатни и можат да се гледаат онлајн на интернет страницатаImaginary Friend Society“.

Извор: AdToDate.mk