Веќе некое време “Incognito Mode” е добро позната и корисна функција во интернет прелистувачите, посебно доколку на својот профил се логирате преку нечиј друг компјутер. Сега YouTube ја тестира истата функција на својата Android апликација.
YouTube веќе има функција која ја спречува апликацијата да ја снима историјата на прегледи и пребарувањето на видеа (Settings > History & privacy). Меѓутоа, новиот Инкогнито режим би требало да има полесен пристап, а потребно е само да ја притиснете иконата на профилот во горниот десен агол, каде што ќе биде достапно копчето “Turn on Incognito”.
Кога ќе се активира, апликацијата нема да ја снима актуелната сесија, а листата за претплата на каналите ќе биде скриена. Познатата Инкогнито икона ќе биде видлива во горниот десен агол, а ќе укажува на тоа дека корисникот го прегледува YouTube анонимно.
Моментно, функцијата е во фаза на тестирање, така што ја немаат сите уреди. Се очекува дека наскоро ќе биде достапна со поширок круг на корисници.