Подбрендот на Huawei, Honor го претстави својот нов флегшип уред наречен Honor 10.

Honor 10 претставува поевтина алтернатива на Huawei P20 Pro, ја следи истата филозофија на дизајнот, поседува екран со популарниот засек, како и куќиште во преубава сино-виолетова боја.

Доби 5,84 инчен екран со формат 19:9, што го прави компактен модерен смартфон. Се работи за LCD, а не OLED екран, што дефинитивно помогна во намалувањето на трошоците на производство. Сепак, резолуција е задоволувачка и изнесува 2.280 x 1.080 пиксели (432 ppi).

Во долниот дел на смартфонот под стаклото е сместен многу брз сензор за отисоци од прсти, што е безбеден метод на отклучување на уредот. Испакнатоста на задната камера не е голема, а куќиштето, односно задната страна привлекува најмногу внимание. Honor призна дека пропаѓаат еден од пет задни 2,5D панели кои ги произведуваат поради комплицираното производство. За разлика од Huawei P20 Pro, Honor 10 фаќа светло во вертикални линии, а покрај тоа и на поинаков начин ја менува бојата од виолетова во сина.

Honor 10 на задната страна има две камери, тука е главниот сензор од 16 мегапиксели и монохромниот сензор од 24 мегапиксели. Двете камери имаат отвор на бленда f/1,8, а Honor позајмни нешто и од AI технологијата и технологијата на препознавање на објекти од Huawei, односно неговата P серија. Сепак, не треба да се очекуваат перформансите кои ги има P20 Pro.

Honor 10 е достапен ширум Европа по цена од 449 евра за верзијата со меморија од 128 GB, додека верзијата со 64 GB интерна меморија чини 399 евра.