Една од месечините на Јупитер, Европа е главен кандидат во потрага по вонземски живот, објавија научниците откако детално ги проучија две децении старите податоци на вселенското летало Галилео.

Ова летало на NASA беше првото кое во 1995. година влезе во орбитата на џиновската гасовита планета, но податоците што тогаш ги испрати Галилео ги збунуваа научниците.

Тие сега се уверени дека Галилео таму пролетал низ воден столб, односно своевиден гејзер кој се пробил низ заледената површина на Европа. Под тој леден покривач се наоѓа океан, двојно поголем од сите Земјини океани заедно.

Во тој момент, леталото беше 200 километри над Европа.

“Од порано ни е познато дека на Европа има многу елемнти потребни за живот, барем за онаков живот каков што ни е нам познат. Има вода. Има енергија. Има јаглен. Можноста за постоење на живот е едно од големите прашања што сакаме да ги истражиме”, изјави научникот Елизабет Тартл од Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џон Хопкинс.

“Фактот дека откривме воден облик е навистина возбудлив. Тоа значи дека постојат начини материјалот од океанот, кој веројатно е најпогоден дел од Европа за живот, бидејќи е потопол и заштитен од радијација со ледена кора, да се пробие низ ледената капа. А тоа значи дека ќе можеме да дојдеме до примероци”, изјави Тартл.

NASA за неколку годони ќе има прилика за тоа. Агенцијата во 2022. година има намера да го лансира леталото Europa Clipper”, со цел да ја истражи орбитата на Јупитер.

Тоа со ниски прелети ќе настојува да дојде до примероци од “гејзерите” и така на научниците да им овозможи потрага за евентуални микробни облици на живот во океанот на Европа.