Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска се обратија на јавната расправа за мерките и активностите потребни за воведување 5G технологија во Македонија.
Министерот Манчевски се осврна на придобивките од воведување 5G и неопходноста од вклучување на сите засегнати страни при креирање на политиките за обезбедување на условите.
Како што истакна тој, МИОА уште на почеток на 2018 година формира работна група за утврдување мерки неопходни за воведување 5G, во која учествуваат претставници од јавниот сектор, регулаторни тела, индустријата, операторите, универзитетите итн. Нивните предлози, анализи и коментари се поставувани на порталот на МИОА за секој да може да се вклучи во дебатата.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, зборуваше за инфраструктурниот аспект за воведување 5G технологија.
„Министерството за транспорт и врски изготвува нацрт-закон за просторно и урбанистичко планирање, закон што точно ќе ги утврди постапките за изработка на урбанистичките планови за подрачја и објекти од државно значење. Од аспект на инфраструктурата, ова е прв чекор во олеснување на постапките и процедурите за воведување 5G технологијата. Во однос на прашањата поврзани со изградба на инфраструктурата, сакам да спомнам дека во фаза се измени на Законот за градењето, кој дополнително ќе ги олесни постапките за изградба на базните станици. Ова конкретно се однесува на забрзување и олеснување на постапките за издавање на одобренијата за градење“, информира министерот Сугарески.
Поврзани артикли