Google го копира интерфејсот на Apple за навигација помеѓу активните апликации

Google за време на својата конференција за програмери откри нови можности што ќе ги нуди новата верзија на Android. Но, една од новите опции изгледаше познато, поточно анимациите што ги користи новиот Android P за навигација помеѓу активните апликаци изгледаат скоро исто како кај iPhone X.

Иако Google изјави дека работи на новиот екран за навигација повеќе од една година, сепак е тешко да се верува дека го немаат копирано Apple кој го промовираше својот iPhone X во септември 2017.

На Android P, Home копчето, како и копчињата за назад и навигација на апликации повеќе не постојат. Сега има само едно копче во средината кое ако го повлечете нагоре го добивате новиот дизајн за навигација. Со влечење лево или десно на посакуваната апликација можете да ја селектирате или исклучите.

Ако уште еднаш повлечете нагоре ќе ја добиете листата со предложени апликации. Во кое и да било време можете да го притиснете копчето за да се вратите на вашата домашна страна.

Android P, исто така, додава копче за назад на дното од левата страна, доколку сте во апликација кој има потреба од него.

Бета верзијата од новиот Android P може да се инсталира од следната веб-страница, додека финалната верзија ќе биде достапна во следните месеци.