Извршниот директор на најпознатата социјална мрежа на светот, Марк Цукерберг, ги задржа своите овластувања во оваа компанија која се бори да го поправи имиџот после скандалот со злоупотреба на личните податоци на корисниците, поради кој повеќе високи раководители добија нови задолженија.

Портпаролот на компанијата потврди дека вчера дошло до реорганизација, која е најзначајна уште од основањето на Facebook пред 15 години.

Сепак, Цукерберг и неговата најблиска соработничка Шерил Сандберг не се изложени на никакви промени. Човекот кој е многу близок до Цукерберг, Крис Кокс, во иднина ќе биде задолжен за Facebook, Instagram, WhatsApp и Messenger.

До промени дојде и во тимовите за производи и технологија, односно создадени се три тима од кои еден ќе биде посветен за blockchain технологијата, применета на криптовалутите, а ќе ја води досегашниот шеф на Messenger, Дејвид Маркус.

Хавиер Оливан, уште еден висок функционер во компанијата, ќе го предводи одделот за безбедност и рекламирање на бројни производи.

Сајтот „Recode“ пренесува дека иако на повеќе од 10 луѓе им се доделени нови функции, се чини дека никој нема да ја напушти компанијата.

До промени доаѓа непосредно откако основачот на WhatsApp, Јан Коум, кој во 2014 година ја продаде оваа апликација на Facebook за 19 милијарди долари, објави дека заминува од компанијата, поради, како што тврдат американските медиуми, несогласувањата во врска со приватните податоци на корисниците.

Имиџот на Facebook е сериозно нарушен, откако во март беше откриен скандалот со компанијата Cambridge Analytica, поврзан со претседателската кампања на Доналд Трамп, која на незаконски начин дошла до личните податоци на неколку милиони корисници на оваа социјална мрежа.

Закерберг повеќе пати јавно се извини, дури и пред конгресот на САД, каде од него беше побарано да открие се за лажните вести и другите начини за политичка манипулација на Facebook.

Извор: B92.net