Само 10 дена пред да почине, славниот физичар Стивен Хокинг му го предаде на издавачот за објавување своето последно научно дело на кое работеше заедно со колегата Томас Хертог.

Делото со наслов “A smooth exit from eternal inflation?” само што е објавено во научниот магазин Journal of High Energy Physics. Во него Хокинг и Хертог изнесоа нова теорија за настанокот на Вселената, која би можела да одговори на неколку досега неодговорени прашања.

Според теоријата на Big Bang (Големата експлозија), Вселената пред нешто помалку од 14 милијарди години почна да се шири од точката на неизмерната густина, а тоа ширење продолжи до денес. Според едно од толкувањето на оваа теорија, нашата Вселена е еден од паралелните универзуми, кои ги има бесконечно многу, објави Business Insider.

Во своето дело Хокинг и Хертог се потпираат на гранката на физиката која пробува да ја смири квантната физика со гравитацијата и теоријата на релативност на Алберт Ајнштајн.