На Конференцијата беа претставени многу новитети од овие области, најновите трендови во управувањето со проекти и успешното воведување на промени кои зависат од работата на ИТ, проектните и програмските менаџери. Говореа повеќе влијателни експерти од различни земји кои имаат долгогодишно искуство со Business Analysis, PMP, SCRUM, ITIL, DevOps и ISTQВ, а присуствуваа и многу менаџери на компании, проект менаџери од ИТ и од бизнис секторот, бизнис аналитичари, итн.

Се обработија неколку важни теми меѓу кои: 5 трендови во проектен менаџмент во 2018; Бизнис анализа во корпоративен Value Stream; PMP во пракса; Зошто SCRUM?; SCRUM хибридна методологија во пракса; ITIL – Back to the Future; DEVOPS; ISTQB – Планирање и управување на тестирање со Team Foundation Server.

„Сѐ уште сме под импресии од целата конференција, од говорниците, од предавањата, од продуктивната панел дискусија која се разви на крајот… Навистина ни е драго што што имаше огромен интерес, картите беа распродадени во многу брз рок, и оттука се гледа големата потреба од одржување на овој настан со фокус на проектниот и ИТ менаџмент. Се надеваме дека ова ќе биде почеток на низа од успешни настани од ваков тип преку кои индивидуалците и компаниите постојано ќе ги надоградуваат своите вештини и знаења.“ – изјавија организаторите.

Милан Шмигиќ кој воедно беше и модератор на настанот, говореше за најважните новитети кои доаѓаат од развиените пазари од овие области, и тоа: подобрување на перформансите на работење на компанијата со примена на портфолио на управување; kако да се примени бизнис анализата за развој на портфолио и стратешка приоритизација на проектите; како да се зголеми пазарната вредност на компанијата преку успешно управување со проекти; како да се намали неизвесноста и да се создаде нова вредност на проектот преку развој на нови барања, итн.

За тоа колку е релевантен ITIL во дигиталната трансформација, говореше словенецот Рок Сајовиц: „Дигитизираните бизнис и ИТ процеси се основа за дигитална трансформација. Првиот чекор кон дигитална трансформација е добро дефинирани процеси и потоа вториот чекор е да се дигитизираат овие процеси. Овде е местото каде што ITIL доаѓа во игра. Компаниите можат да го користат ITIL како упатство за процесирање на дигитизацијата. Комплетираниот ITIL потоа игра важна улога помагајќи им на сите бизнис и ИТ услуги да работат без проблеми.“ – вели Сајовиц. Тој истакна дека е потребно да се применуваат современите технологии и методологии на работа и да се следат светските трендови кои значително ќе го подобрат работењето на организацијата.

„Континуирана едукација и надоградба на знаењата е нешто што ние во Макпетрол – Центар Dell редовно го практикуваме со цел да можеме да се носиме со предизвиците. Токму затоа ја препознавме и ја поддржавме “Првата национална конференција за PM и IT менаџмент“ како настан кој ќе едуцира и ќе овозможи нови погледи на голем број проектни и ИТ менаџери.“ – изјавија од Макпетрол-Dell Центарот.

„Во ова динамично општество ако не ги имплементирате и применувате практиките од светски рамки, вие останувате чекор назад. Затоа и ја поддржавме оваа конференција која ќе овозможи поширок спектар на знаење и ефективност на менаџерите, имајќи ја во предвид и заштитата на видот поради проблемите кои настануваат како резултат од предолгото работење на електронските уреди и зрачењето на сината светлина од истите. Во светот веќе се воведени редовни очни прегледи кои фирмите ги овозможуваат на своите вработени како дел од грижата на вработените, а наша намера е истата свест да ја развиеме и во Македонија.“ – изјавија од Систина Офталмологија.

Во Македонија се отвори и огранок од меѓународниот Институт за управување со проекти. Како што вели Мирослав Аничин, претседател на Институтот за управување со проекти во Србија, со тоа Македонија е запишана на светската карта за најдобри пракси, така што, ќе продолжи и понатаму споделувањето на знаењето како пракса.

Конференцијата е во организација на Клиар Вју (Clear View BTC) бизнис тренинг центарот и Семос Едукација, тренинг центар за ИТ едукација. Настанот го поддржаа повеќе компании, меѓу кои: Макпетрол-Центар Dell, Систина Офталмологија, Стопанска Банка АД Скопје, Кариерниот центар на Семос Едукација, PMI – Macedonia Chapter, Bella, Тиквеш и Вис Вендинг.