Израелската актерка Гал Гадот станала една од неколкуте амбасадори на брендот која била “фатена на дело” како користи iPhone кога не требало да го прави тоа.

Гадот, која во јануари стана амбасадор на кинескиот бренд Huawei за моделот Mate 10 Pro, наводно била “фатена” како користи iPhone за објава на Твитер, ни помалку ни повеќе туку за тоа колку е посветена токму на Huawei Mate 10 Pro.

Се чини дека нејзиниот твит со видео снимка на која го користи моделот на Huawei бил поставен на Твитер со помош на апликацијата Twitter for iPhone.

“Луѓето почнаа да поставуваат прашања за мојата објава, во врска со мојот нов Huawei телефон. Тие сметаат дека користам iPhone. Тоа не е точно! Јас ги обожувам моите Huawei P20 и Mate 10 Pro телефони. Тие се мојата потпора каде и да се наоѓам во светот”, истакнала Гадот за порталот CNET посветен на технологијата.

Меѓутоа, изгледа дека некој од членовите на тимот на актерката за односи со јавноста во нејзино име го објавил видеото со својот личен iPhone, а при тоа не знаел дека уредот со кој е објавено би можел да биде видлив во твитот.

Ваквиот инцидент не му оди во прилог на Huawei, посебно не во САД каде оваа компанија е на удар на владините агенции кои сугерираат купувачите да не се одлучуваат за телефоните на Huawei поради загриженост за безбедноста и можноста од шпионирање.

Извор: B92.net