Научници од Универзитетот во Минесота успеаја со 3D печатач за првпат да испечатат електроника на вистинска рака. Оваа технологија може да се користи од страна на војниците на бојното поле за да се отпечатат привремени сензори на нивните тела за откривање на хемиски или биолошки агенси или соларни ќелии за полнење на основната електроника.

Истражувачите, исто така, успешно испечатија биолошки клетки за рани на кожата на лабораториско глувче. Оваа техника може да доведе до откривање нови медицински третмани за заздравување на раните на кожата со директно печатење за зараснување и елиминација на нарушувања на кожата.

„Навистина сме возбудени поради потенцијалот на оваа нова технологија за печатење 3D со користење на пренослив, лесен печатач кој чини помалку од 400 долари“, вели Мајкл МекАлпин, водечки автор на студијата и професор на Универзитетот во Минесота.

„Претпоставуваме дека еден војник може да го носи овој печатач во ранецот и да испечати хемиски сензор или друга електроника која им е потребна, директно на кожата. Тоа би било како нешто како „швајцарски армиски нож“ на иднината“, дополнуваат научниците.

Една од клучните иновации на новата технологија за 3D печатење е тоа што овој печатач може да се прилагоди на малите движења на телото за време на печатењето. Привремените маркери се поставени на кожата и кожата се скенира. Печатачот користи компјутерска визија за да се прилагоди на движењата во реално време.