Motorola ги претстави новите модели од сериите G и E, кои ќе бидат со достапни цени од 100 до 300 долари.

Иако ова не се телефони со кои Motorola ќе им конкурира на Samsung и Apple, сепак овие модели се многу важни за компанијата. Moto G и понатаму останува најпродаваниот модел на Motorola и најпродаван во неговата парична класа, додека Moto E се продава за нешто пониска цена и ужива скоро иста популарност.

Во Moto G линијата ќе бидат понудени три нови модели: Moto G6, G6 Play и G6 Plus. Стандардниот G6 доаѓа со подобрени спецификации во однос на неговиот претходник и ќе има 5,7-инчен дисплеј кој ќе емитува слика во 1080p. Уредот ќе поседува Snapdragon 450 процесор и опции од 3 GB RAM и 32 GB внатрешна меморија, како и верзија со 4 GB RAM и 64 GB внатрешна меморија.

Телефонот изгледа многу префинето и има сензор за отпечаток на прст кој се наоѓа на предниот дел од телефонот. Кај G6 исто така може да се најдат и две камери на задниот дел, кои иако се далеку од оние на flagship телефоните, сепак имаат сосем солидна резолуција и леќа.

G6 Play доаѓа со нешто послаби спецификации, иако воглавно се работи за истиот телефон. Тој има една камера од 12 мегапиксели и батерија од 4.000 mAh. За споредба, Samsung Galaxy S9 има батерија со 3.000 mAh.

Што се однесува до серијата E, Motorola ги презентираше моделите E5 Play и E5 Plus. Е5 Play има 6-инчен екран со резолуција нешто повисока од 720p, Snapdragon 435 процесор, 3 GB RAM и 32 GB внатрешна меморија. Поседува и една 12-мегапикселна камера и има полимерно стакло на задниот дел. Моделот E Play не е нешто што ќе ве остави без зборови. Пластичната маска и малиот екран од 5,2 инчи само покажува дека се работи за ултра евтин смартфон, а и неговата батерија од 2.800 mAh не претставува нешто посебно.

Сите овие модели ќе бидат пуштени во продажба кон крајот на мај или почетокот на јуни оваа година. Цената на стандардниот G6 ќе биде 249 долари, додека G6 Play ќе се продава за 199 долари. Засега не се познати цените на моделите E5 Plus и E5 Play, но се очекува да бидат над 100 долари, но не поскапи од 249 долари.