Откако беше откриено дека Facebook му овозможил бришење на “невидените” пораки на Извршниот директор на компанијата, Марк Цукерберг, социјалната мрежа отсега тоа ќе им го овозможи на сите корисници на Messenger.

Според информации од технолошкиот портал TechCrunch, во текот на наредните неколку месеци ќе биде овозможена функцијата „unsend”, иако не се познати детали како ќе функционира новата функција.

Портпаролот на Facebook потврди дека на корисниците ќе им биде овозможено бришење на пораките по истиот принцип како што е случајот кај Цукерберг.

„Иницијативата може да потрае некое време. Додека функцијата не биде готова, раководителите на компанијата веќе нема да имаат можност да бришат испратени пораки. Требаше ова да го направиме порано  и жал ни е што не го сторивме тоа“ изјави портпаролот на Facebook.

Досега корисниците на Facebook немаа опција да бришат пораки од инбоксот на други луѓе, но Марк Цукерберг и неговите соработници веќе неколку години ја користеле таа опција.

Извор: Klix.ba